СЕНЗОРНА ИНТЕГРАЦИЈА

Поимот сензорна интеграција е невролошки процес кој се однесува на начинот на кој ги примаме, обработуваме/организираме и соодветно одговараме на информациите од средината која не опкружува примени преку нашите сетила. Постојат неколку сетила (сензорни системи) со кои сме добро запознаени, лесно воочливи, како што се: сетилото за вкус, мирис, вид, слух и допир. Но, постојати помалку познати сетила, скриени, како што се: вестибуларно сетило (движење, рамнотежа), проприоцепција (позиција на телото, движење на мускулите и зглобовите) и интероцепција (сетило кое ни овозможува да разбереме што се случува внатре во нашето тело). Најчесто за сетилата размислуваме како на посебни единици, меѓутоа тие работат заедно и ни даваат целосна слика за светот околу нас и нашата улога во него. Нашите сетила се интегрираат за ние да имаме целосна слика за тоа кои сме, каде сме и што се случува околу нас. Сензорниот внес на информации се остварува преку органи за примање на информациите кои се наоѓаат во секој дел од нашето тело наречени рецептори. Рецепторите ја претвораат енергијата од надворешните и внатрешните опкружувања во електрични импулси кои се пренесуваат низ влакната на сензорните неврони до мозокот. По обработувањето и организацијата на информациите, импулсите се пренесуваат преку моторни неврони назад до мускулите и органите во вид на соодветен одговор (на пример, вашето дете ги користи информациите за да превземе акција: пишување, читање и сл.). На пример, допирате рингла. Рецепторите во вашата дланка ја испраќаат таа информација до мозокот. Мозокот ја обработува информацијата за да ви помогне да одлучите дали тоа чувство е пријатно или непријатно, на пример, дали допирањето на топла рингла прави да се чувствувате добро или прави да се чувствувате лошо? Ако ринглата е жешка, вашиот мозок „ќе ви каже“ брзо да ја тргнете раката.
Секој ден примаме информации од нашите сетила: кога одиме по улицата, кога го посетуваме маркетот, кога јадеме, кога ги миеме лицето и рацете, кога се облекуваме итн. За светот учиме преку нашите сетила и преку интеракција со средината која не опкружува. Децата истражуваат и играат и на тој начин учат за средината која ги опкружува, на пример, осознаваат од што може да се повредат, од што може да се изгорат, да внимаваат како се однесуваат со нежните работи и предмети, кои работи можат да се јадат, а со кои работи може да се игра. Овој процес на истражување продолжува во текот на целиот живот. Ние константно истражуваме и откриваме нови работи – движења, мириси, вкусови, чувства и сл. За повеќето, сензорната интеграција се случува природно, без да размислуваме за неа, мeѓутоа, за некои луѓе сензорната интеграција се случува неефикасно. Дали познавате дете кое цело време се движи, се турка, или ги џвака работите. Ракавите на неговата блуза и јакна секогаш се мокри од што ги џвака. Кога зборува со луѓе има тенденција да се турка во нив. Или познавате дете кое не сака да го прегрнуваат или бакнуваат. Тоа се вознемирува кога друго дете ќе се турне во него. Не сака да носи чорапи или не сака кога има белешки на облеката. Зошто првото дете секогаш џвака нешто? Зошто второто дете не сака да го допираат? Зошто децата различно реагираат на различни дразби околу нив? Нарушувањата во сензорната интеграција се резултат на невролошка дисорганизација која го зафаќа процесирањето на нервниот систем на неколку различни начини. Мозокот не ги прима информациите, или информациите кои ги прима се неконзистентни, или сензорните информации не се интегрираат соодветно со други сензорни информации од другите сензорни системи на начин на кој поединецот не добива добра и прецизна информација за себе во светот. Како резултат на тоа детето може да избегнува стресни и збунувачки стимулации или да бара повеќе стимулации за да може да сфати што се случува, светот им изгледа како непредвидливо, опасно и фрустрирачко место. Нарушувањето на сензорна интеграција не е болест и нема да се влоши со тек на времето, меѓутоа влијанието кое го има врз детето може да се зголеми. Но со соодветна терапија, терапија на сензорна интеграција, состојбата на детето може значително да се подобри. Се работи за третман кој се заснова на игра, во специјално опремена просторија која нуди широк опсег на стимули, во средина која е пријатна за децата и истовремено им помага на индивидуите да ги развијат и организираат своите сетила, да ги развијат социјалните, емоционални, моторни и когнитивни вештини, подобрување на вниманието и концентрацијата, во рамките на безбедна средина која ја подобрува нивната самодоверба.

Дипл. специјален едукатор и рехабилитатор,
Нада Костоска

Невропластичност – М-р Марија Бојаџи Љатко

Можеш, ако мислиш дека можеш – до неодамна била само фраза, но новите научни истражувања предводени од невролози и невропсихолози покажувват дека нашиот мозок може да се менува и подобрува дури и во случаите кога постои мозочно оштетување за кое се сметало дека е непоправливо. Човечкиот мозок е една од најсложените структури во природата која ја сочинуваат повеќе од 100 милијарди неврони меѓусебно поврзани со повеќе од билион синапси.
Мозочна пластичност се однесува на способноста на нервниот систем да ја промени својата функција и структура во текот на животот како реакција на егзогени чинители и лична активност. Овој термин се однесува на промена во различни нивоа на нервниот систем, од промени на молекуларно ниво како што се промените во експресијата на гените до промени во однесувањето.
Студиите покажуваат дека невропластичноста се активира, појачува и одржува преку практикување на програм структуирани клинички вежби. Подобра комуникација помеѓу невроните подразбира поефикасно пренесување електрични сигнали низ нововоспоставените невронски патшта, процес неопходен за невротипична мозочна финкција. Мозочниот развој е фасцинантен и суштински аспект од детскиот развој, уште поголем предизвик и задача е стимулацијата на мозочниот развој кај деца со отстапки од законитостите на невротипичноста. Мозокот на инфантот после доаѓање на свет е недоразвиен, својата матурација ја доживува пеку искуствата и осетите – вид, слух, мирис, допир, вкус, преку експресијата на оние кои се грижат за него доаѓа до емоционална матурација. Овде важна улога игра сензорната стимулација, чии елементи и активности помагаат детскиот мозок, преку сетилата да научи да ги восприема и обработи сензорните дразби (аудитивни, визуелни, тактилни, олфакторни, вестибуларни) од околината – овозможувајќи соодветен фитбек на истите. Искуствата на бебињата оставаат долготрајни траги врз нивните способноти. Кога детето ќе искуси или направи нешто цврстата неурална конекција е направена, но доколку тоа искуство не се повтори врската нема да е консолидирана и со тек на време таа се губи. Кај децата со развојни отстапувања, често се испишуваат невронски мрежи по безкорисен образец, при што се воспоставуваат несоодветни комуникациски, социјализаторски, емоционални, интелектуални, бихејвиорални вештини. Во овој случај круцијална е улогата на раната интервенција која дава можност за корекција и оформување на нови функционални неврални патеки. Интервенцијата е најцелисходна во најран период од развојот кога се присутни повеќе од 50% невронски врски споредувано со адултниот мозок. Вака разбраната мозочна пластичност ќе даде значаен ефект во подобрување на функционалноста само со правовремено дизајнирана и со соодветен интензитет на индивидуалните потреби рана интервенција.

Комуникација кај децата со аутистичен спектар на нарушување

Комуникацијата е есенцијален дел од животот. Со комуникација ги изразуваме нашите желби, идеи, остваруваме контакти со други, искажуваме како се чувствуваме.
За децата од аутистичниот спектар на нарушување, комуникацијата е исто важна како и за другите деца. Но, тие најчесто се соочуваат со предизвици кои произлегуваат од начинот на кој учат и сензорните преференци, кои најчесто ја отежнуваат комуникацијата. За среќа постојат различни начини на учење како да комуницираат.

Центар за рани интервенции и третман на деца со нарушување од аутистичен спектар ВО МОЈОТ СВЕТ – Охрид

На 5-тти Декември  во Општата болница во Охрид а во присуство на Министерот за здравство на Р.С. Македонија Венко Филипче, Министерот за здравство на Република Бугарија Кирил Ананиев, првата дама во нашата земја Елизабета Георгиевска, како и Амбасадорт на Република Бугарија во Скопје, Ангел Ангелов беше отворен првиот Регионален Центар за рани интервенции и третман на деца со нарушување од аутистичен спектар ВО МОЈОТ СВЕТ. 

Центарот е на  површина од 250 метри квадратни, кој има капацитет за 120 лица, располага со дефектолошки и логопедски кабинети кои се опремени со разновидни дидактички материјали кои се соодветни за потребите на децата, сензомоторна (Soft – Play room)  и мултисензорна соба, како и други потребни услови за работа со деца со нарушувања од аутистичен спектар.

Проектот се реализира со поддршка на Министерство на здравство на Р.С.Македонија, кое ги отстапи просторите за користење во рамки на Општата Болница во Охрид, а реконструкцијата и опремувањето на центрите е финансирано од страна на Амбасадата Република Бугарија  во Скопје.

Здружението изрази огромна благодарност до сите оние кои дадоа свој придонес за реализација на овој проект.

Отворен Центар за третман и рехабилитација за деца и млади со попреченост -ВО МОЈОТ СВЕТ – Охрид

На ден 22.11.2019 беше отворен Центарот за третман и рехабилитација за деца и млади со попреченост -ВО МОЈОТ СВЕТ во рамки на Специјалната болница за ортопедија и трауматологија „Св.Еразмо” – Охрид.

Проектот е реализиран со поддршка на Министерство за здравство, кое ги отстапи просториите за користење во рамки на болницата „Св. Еразмо“, а  опремувањето на центарот е финансирано од страна на Амбасадата на Република Чешка во Скопје.

 

Покрај Амбасадорот на Р. Чешка, г-дин Мирослав Томан, на отварањето беа присутни и г-дин Константин Георгиески – градоначалник на Охрид и Заменик Министерот за Здравство на Р.С. Македонија г-дин Арменд Арслани.

Напорите на здружението се насочени кон проширување на овој простор во иднина и доградба на истиот со цел создавање на современ објект кој ќе биде со површина од 300м2, и ќе биде на национално ниво.

Здружението изрази огромна благодарност до Амбасадата на Р. Чешка во Скопје и до Министерството за здрвство на Р.С. Македонија за нивната поддршка и придонес.

 

Продажна изложба на изработките од проектот „Учиме, се дружиме и донираме”

Во рамки на проектот Учиме, се дружиме и донираме”  кој беше поддржан од страна на Министерството за култура на Р.С.Македонија и успешно се спроведe во Музеј на Р.С. Македонија, на ден 14.11.2019г. беше одржана завршна продажна изложба на изработките од проектот во Хотел Холидеј Ин, за време на Bulgarian Coffee Morning.

Парите собрани од продажбата беа наменети за Лидија Димеска, самохрана мајка на 4 дечиња, меѓу кои Тихон е дијагностициран со аутистичен спектар. Покрај продажбата на изработките, беше поставена и донаторска кутија за истата намена.

На изложбата беа присутни голем број на претставници од Дипломатскиот кор, Владини претставници, како и г-ѓата Зорица Заева, сопруга на премиерот Зоран Заев.

Ден подоцна, во просториите на Здружението Во Мојот Свет официјално беше отворена донаторската кутија, а парите лично и беа предадени на г-ѓа Лидија Димеска.

Со проектот беше предвидена изработка на садови од глина, боење на садови од минатото, изработка на накит, боење на народни носии и слично,од страна на дечиња со аутистичен спектар на нарушување. Со помош на Музејски Едукатор – Сузана Марковска и Специјален Едукатор и Рехабилитарот, м-р Емилија Георгиева, дечињата членови на Здружението имаа можност да се запознаат и сами да изработат садови, народни носии и накито од минатото.

Здружението изразува огромна благодарност до Министерство за култура на Р.С. Македонија, Музеј на Р.Северна Македонија, родителите на сите дечиња кои беа дел од проектот, и Амбасадорот на Р.Бугарија Во Скопје, г-дин Ангел Ангелов и неговата сопруга Биљана Ангелова.

 

 

Учиме, се дружиме, донираме! – Уште еден успешно реализиран проект

Врз основа на годишната програма на Министерство за култура на Р.С. Македониjа за финансирање на проекти од национален интерес во културата за 2019 година, проектот ‘Учиме, се дружиме и донираме” на Здружението Во Мојот Свет беше поддржан од страна на Министерството и успешно се спроведe во Музеј на Р.С. Македонија.

На ден 02.11.2019, Сабота се оддржа последната работилница предвидена во рамките на овој проект.На работилницата присуствуваа вкупно 15 дечиња, меѓу кои беа и Тихон, Василиј, Наума и Христо за кои и е наменета донацијата  од продажбата на изработките.

Имавме чест да работилницата ја посетат Првата дама на Р.С. Македонија, г-ѓа Елизабета Ѓоргиевска, г-ѓа Биљана Ангелова, сопруга на Амбасадорот на Р.Бугарија во Скопје, како и сопруги на други амбасадори во Земјата.

 Со проектот беше предвидена изработка на садови од глина, боење на садови од минатото, изработка на накит, боење на народни носии и слично,од страна на дечиња со аутистичен спектар на нарушување со цел афирмација и промоција на културата во Р.С. Македонија.
Посебно сме горди што сите изработки се  од деца со аутистичен спектар на нарушување и истите ќе бидат изложени за продажба, а средствата остварени од продажбата ќе бидат наменети за 4 детно семејство со самохрана мајка.

Охрид добива современ регионален Центар за аутизам – Објава на OhridNews

До крајот на годината, во Охрид ќе почнат со работа два центри за Рехабилитација, Едукација и Сензорна интеграција наменети за ран третман на деца со Аутизам АДХД и Аспергеров синдром. Едниот центар, наменет за деца на возраст од 2 до 8 години се наоѓа во охридската Општа болница, а другиот наменет за повозрасни лица, се наоѓа во Специјална Болница за Ортопедија и Трауматологија Св. Еразмо. Центарот во болницата Св.Еразмо ќе биде отворен на 8 ноември, додека во Општата болница на 4 декември.

Носител на проектот е  Здружението на граѓани за третман на лица со аутизам, АДХД и Аспергеров синдром „ВО МОЈОТ СВЕТ“, кој е непрофитабилна и хуманитарна асоцијација. Проектот се реализира со поддршка на Министерство на здравство на Р. С. Македонија, кое ги отстапи просторите за користење во рамки на Општата Болница во Охрид и болницата Св. Еразмо. Реконструкцијата и опремувањето на Центрите е финансирано од страна на Амбасадите на Република Бугарија и Република Чешка во Скопје.

OhridNews: Со што ќе располагаат центрите?

„Во мојот свет“: Центрите располагаат со канцеларија, соодветно прилагодени тоалети за вработените и корисниците, кујна, дефектолошки и логопедски кабинети кои се опремени со разновидни дидактички материјали кои се соодветни за потребите на децата, сензомоторна и мултисензорна соба. Сензорната соба располага со соодветна опрема која помага во стимулирањето на основните сетила кај детето. Опремата ја контролира терапевтот на тој начин што ги одредува стимулациите за секое сетило со помош на прилагодена индивидуална програма. Сензорната соба е опремена со меки ѕидни и подни душеци, перници, разновидни лулашки, топки со различна големина, тегчиња, справи за качување и симнување, тактилни подлоги, трамболина, тобогани, базен со топчиња кои помагаат за стимулирање на повеќе подрачја: тактилни, аудитивни и визуелни способности. Мултисензорната соба е наменета за децата да се чувствуваат сигурно и опуштено во своето опкружување и да ги поттикне на интеракција со околината, за таа цел се применуваат разновидни бои, мириси, вибрациии, звукови, туби кои се исполнети со вода низ кои се движат меурчиња и топчиња во разновидни бои и придонесуваат за воспоставување на визуелен контакт со детето, светлечки оптички влакна, масажери, ќебе со тежина, светлосни пројектори на ѕидовите, ротациска диско топка, огледала со фолија кои ги појчуваат ефектите на останатата опрема.

OhridNews: Дали веќе е обезбеден кадар кој ќе работи и за каков стручен кадар станува збор?

ВМС: Стручниот тим кој ќе работи во Центарот се состои од: специјални едукатори и рехабилитатори, логопеди, семејни и клинички психолози. Во центарот во Скопје веќе соработуваме со Прим. Д-р Мери Бошковска, психијатар за деца и млади, и ќе ја продолжиме соработката со тоа што ќе учествува и во центрите во Охрид. Д-р Мери Бошковска ќе учествува во подготвувњето на програмите за ран третман, односно рани интервенции на секое дете, како и супервизија на работата на стручните работници и систематско следење на терапевтскиот тек. Спроведува и психолошко – едукатвни совети со родителите во врска со манифестните проблеми, се со цел третманите да придонесат за подобрување на целокупното функционирање на децата.

OhridNews: Дали се предвидени одредени обуки наменети за семејствата?

ВМС: Досегашните искуства и праксата ни помогна да согледаме дека од голема важност е да родителите/ старателите се соодветно обучени со цел активно вклучување кон подобрување на способностите и животото на децата со аутизам, со што би се намалиле последиците од потешкотиите во развојот и попреченоста, и ќе придонесеме кон вклучувањето и унапредувањето на децата со посебни образовни потреби во во нашето општество.

Аутизмот не го засегнува само детето туку влијае и врз семејството, и неговата динамика, со што како последица се јавува зголемена анксиозност. Со предавањата/ обуките на родителите ќе се подобри соработката помеѓу родител-терапевт, а со тоа напредокот ќе биде поголем. Обуките за родителите се од голема важност, родителите ќе можат да ја продолжат едукацијата и во домашни услови, што ќе резултира на поголема ефикасност и самостојност на децата.

OhridNews: Како ќе се финансира центарот?

ВМС: Во Центарот ќе се спроведуваат индивидуални логопедски и дефектолошки третмани. Предвидено е еден таков третман да трае 45 минути дневно, а за тоа колку пати неделно ќе доаѓа детето, ќе зависи исклучиво од неговата состојба. Пред да се започне со третманите, се прави евалуација на детето за проценка на неговиот развој, и способностите со кои располага. Штом истата ќе се утврди, се прецизира соодветна програма по која ќе се работи со детето, како и колку третмани се потребни за подобрување на состојбата на детето. Цената на третманите сеуште не е одредена, а Здружението веќе работи на тоа да се обезбедат Социјални пакети за бесплатни третмани на децата.

OhridNews: Години наназад во Охрид се најавува отварање на центри за аутизам, но досега и покрај големата потреба, ниту еден од најавените проекти не е реализиран. Како дојде до тоа да се реализира идејата да отворите центар токму во Охрид?

ВМС: Напорите на Здружението се насочени кон тоа да се отворат што е можно повеќе вакви Центри низ целата Земја. Со отварањето на овие два Центри предвидено е да се опфати еден поголем Регион од Македонија, вклучувајќи ги градовите Охрид, Струга па и Кичево. Позитивното искуство од ваков Центар во Скопје, како и позитивните резултати кај многу од дечињата беа движечки фактор кон отварање на вакви Центри низ Македонија. Посебно сме горди на успешното финализирање на овој проект кој е од исклучителна важност за лицата со Аутистичен спектар на нарушување и нивните семејства и што конечно Охрид ќе добие 2 современи Центри за Аутизам.

OhridNews: За кого се ќе биде наменет?

ВМС: Центарот за сензорна терапија Во мојот свет ќе биде наменет пред се за децата со аутизам, аутистичен спектар на нарушување, АДХД, деца со сензорни нарушувања, оштетување на ментален и говорно јазичен развој, пречки во учењето и проблеми во однесувањето. Исто така центарот ќе биде наменет и за родителите. Родителите ќе учествуваат во активности кои ќе го зголемуваат нивното знаење за сетилата и како тоа влијае врз нивните деца со аутизам. Родителите ќе се охрабрат да соработуваат заедно со стручните лица со цел за напредокот кај децата.

 

OhridNews: Нешто повеќе за здружението „Во мојот свет“ кој е носител на проектот…

ВМС: Здружението на граѓани за третман на лица со аутизам, АДХД и Аспергеров синдром ВО МОЈОТ СВЕТ е непрофитабилна и хуманитарна асоцијација која има богато портфолио на проектни активности од општествено корисен и хуманитарен карактер. Како движечки и мотивирачки фактор во своето работење здружението ја има својата однапред утврдена мисија, а тоа е помош и поддршка на лицата со аутистичен спектар на нарушување и нивните семејства како по однос на терапии, третмани, дијагностика и инклузија така и по однос на сите нивни права во сите сфери на општественото живеење. По 5 годишно активно залагање за подигање на свеста за Аутизмот, Здружението го отвори првиот Центар за Сензорна терапија за деца со аутистичен спектар на Нарушување во Скопје, кој веќе трета година успешно функционира. Истиот беше изграден и опремен со големо залагање и помош на бизнис заедницата во Р. Македонија, а доделен од страна на Министерството за одбрана на Здружението Во Мојот Свет. Истовремено Владата на Бугарија преку амбасадата во Македонија на здружението му додели опрема од двете најреномирани фабрики во светот, за ваков тип опрема.